Црвен кармин

Кога ќе ме видиш
со црвен кармин,
и ќе помислиш и дека по толку години
баш убаво ми стои,
сети се оти за лек ми е,
кога по тебе душата ми е болна.
Кога ќе ме видиш со црвен кармин,
светната и насмеана до уши,
и ќе помислиш дека и по толку години среќна е,
сети се дека тоа маска е,
што од светот и тебе ме крие.
Кога ќе ме видиш
со црвен кармин,
и ќе помислиш и дека по толку години
таква цврста и силна
одмерена и мирна е,
сети се дека во мене
цунами се крие,
после кое едвај жива сум,
а ни малку мртва.
Кога ќе ме видиш со црвен кармин,
и ќе помислиш и дека после толку години сеуште има едно мало парче од мигот кога твоја бев ,
сети се дека последниот наш
бакнеж,
црвен беше,
и никогаш не се повтори.
А јас во знак на жалост по тебе
црвено носам,
зошто во црвеното те сокрив за век .
Кога ќе ме видиш со црвен кармин,
не плачи, јас исплакав за двајца…
не зборувај, јас онемев за двајца,
не барај ме, јас без тебе морав и мора…
Кога ќе ме видиш со црвен кармин,
наведни ја главата како пред паднат борец, намевни се за себе,
и знај дека таму некаде,
има една жена црвени усни,
кои кога на тебе ќе се сетат се смејат…

Маја Андоновска Илијевски

Глумицата

Задушница

Заборавив како се живее

со цело срце.

Срцето крпеници ми е,

оти кој како заминуваше,

по едно делче срце ми откинуваше

и во царството небесно заедно со нив го понесуваше.

Од тогаш пола човек сум,

пола тука, пола таму некаде

сакана од живите, чувана од војската ангелска моја,

која некогаш на сон ќе ме посети,

еднаш еден, друг пат друг,

за да ми стопли душа макар на миг…

А еден ден кога и мене ќе ме нема,

и ќе се вивнам во небеската шир,

прво на патување ќе тргнам,

да си ги соберам парчињата срце

за душа што сум ги раздавала,

за пред бога цела да застанам пак

Маја Андоновска Илијевски

Глумицата

Ненамерно посветено

Имам хроничен синузит, бронхити прележани за извоз, имав асма бронхијале и асматични напади кои ги лечев со кортикостероиди, па имав операција на матка последица на кортикото, имам тахикардија, аритмија, екстрасистоли. Во меѓувреме се изборив и со анксиозност и страв од смрт како последица на сите стресови. Па следно лежев на болница, непокретна од дискус хернија на вратна кичма, од која се опоравив таман за да ми падни звучник од плафон и да се опоравувам од хематом на карлица, колк и половина. Па останав бремена, и ме паднаа од сцена кога бев 4 месец, па родив здраво машко дете кое го вакцинирав на 4 месеци и завршивме на клиника во Скопје и 3 години во изолација од луѓе. Во меѓувреме добив хипертиреоза, цисти во дојките, хормонален дизбаланс, гастрит и еден тон целулит. Еј да зимава се влечев по забари и оперирав заб, за кој испив 3 рала антибиотик и заради кој сега треба да ставам мост со 5 заби… Кога одам на лекар, со багажот од сите состојби кои сум ги поминала, ми велат ти си хиперемотивец, се ти е последица од стрес.
Па следи фамозното потпрашање:А за што се нервираш?
За ништо им велам, ќе си се насмеам во мој стил, ќе се дотерам како за на црвен килим, ќе се нашминкам, ќе си ја локносам косата, и ќе го ставам најцрвениот кармин од колекцијата на црвени кармини која ја поседувам, и излегувам со мотото:Ако се умира да е барем со стил. Со сите овие дијагнози, јас крвнички работев и го градев својот сон, го живеев својот живот, онолку квалитетно колку што сум можела да се снајдам, сама…
И многу се смеев, и уште се смеам сега можеби и погласно и најчесто на своја сметка и кога сум супер но и кога не ми се сите овци на број… Ама колку погласно се смеам, се потесно ми станува, и никаде не ме собира. Често си поставувам прашања :
Среќа е ова или проклетија?
Мир или неспокој?
Брафикардија или тахикардија?
Тука или таму некаде у пичку матер?
Со сите или сама?
Дома или надвор?
Странец или….
Како никогаш до сега, никаде не ме собира. Во мене се води битката зошто останав, каде да се оди, зошто секогаш се враќам назад, зошто немав храброст да заминам, зошто и што си докажувам на себе си и на другите и вреди ли? Зошто правам компромис со својот живот? Зошто не спијам веќе?
Ги обожавам бегствата, патувањата кои за миг ми даваат искривена и привремена перцепција за среќа, забавите со пријателите со по некоја чашка вотка или вино, семејниот ручек кога сме сите на број…
Ама фитилот ми е краток, и желудникот не ми вари веќе се.
Затоа подалеку од мене, ако сте отровни, мрзливи, лажни, хронично незадоволни и несреќни, обесправени само во вашата глава, подалеку на сите кои не можете да ми ги простите моите 35 наспроти вашите години … Нема да ви се извинам што стареете, зошто и јас одам по тој пат. Ама Ми се потрошија болештините кои ми ги накалемивте. Ми се живее, сега, и веднаш и тоа без пардон!

И ќе живеам!
Fuck you all!

Маја Андоновска Илијевски – глумицата

Март 2019

Соништа туѓи

Се будам,
од некои туѓи соништа
накалемени на мојот сон.
Грди, ладни, неми.
Ни да ги сонувам сакам,
ни да ги живеам сакам,
а ме вкалапиле во нив како талкач
кој зрак утрински бара за да се ослободи од сонот.
Се будам,
од некои соништа туѓи,
И се плашам дека веќе да заспијам јас нема да можам во мир…

Маја Андоновска Илијевски – глумицата

Скршени мисли

Сто тона тежат моите мисли,
кои ми го кршат мозокот во главата,
и ми ги ронат пршлените на вратот.
Илјада дискус хернии не болат
како што болат понекогаш моите мисли,
илјада зимски магли не се густи како што се густи мислите во мојата глава.
А мои ми се, како деца.
Сум ги родила, сум ги хранела,
за сега чарето да неможам да му го фатам.
А секој ден со нив се карам,

за да се смират, да си дадат одмор, да светнат силно…
А тие во војна, се норужале до заби
спремни да издвојуваат победа над мене.
И незнаат дека се само гости,
кои еден ден, безмилосно ќе ги избркам засекогаш…

Маја Андоновска Илијевски – глумицата

На Игор наместо збогум

Кога умира човек
кој поминувајќи низ твојот живот
ненамерно, непретенциозно силно
ти ја допрел душата,
ти створил креативен немир.,
те натерал да мислиш,
да се убиеш од размислување,
да не спиеш,
да се запрашаш,
да се преиспитуваш,
да разговараш,да премолчиш,
да се усрамиш,
да се насмееш,
да се гордееш…
Да сакаш и да се надеваш дека во животот некогаш и негде ќе се сретнете пак на некоја сцена, со некој нов предизвик пред кои ќе стоиме исплашени како првачиња…Да се чувствуваш благословен дека си украл време од неговото време, и дека си поделил парче сон…
Ех… Кога умира таков човек, многу усти онемуваат и
многу души остануваат пусти, како после ураган, војна, кражба, пожар, цунами, земјотрес, катастрофа…
Години и животи некогаш не се доволни,
во пустината да никне нова ласта…

Надеж

Празно е и тивко… А тишината како силуета без лик застанала пред тебе, и зјапа директно во твоите очи. Ти ја мрзне крвта, ти го запира здивот, ти го замаглува погледот и се заканува со утрешното изгрејсонце кое не носи нова надеж.
Затвори ги очите пред ужасот кој те демне, молчи и слушај. Слушни го твоето срце што ти зборува, заслушај се дури и во зборовите кои ти ги премолчело, секој тропот што ти го прескокнало, секој здив што ти го потрошило… Дај му време, да те одведе на местата каде што си грешел, да те пофали каде што си бил храбар, да те успори таму каде си поминал без поздрав, да те излечи таму каде што те боли, да те однеси и таму каде одамна не свратуваш… и остави го да го фати ритамот на најубавата музика – животот. Не плаши се… Ова е можноста да му дадеш време на времето,, да му украдеш сон на сонот, да го оставиш пулсот да чука силно како тапан на Галичка свадба додека го свират Тешкото… и да те наежи, и да те расплаче, и да те разигра. Дај си време, да направиш се за што претходно си немал време: да седнеш, да станеш, да јадеш, да љубиш, да дишеш, да твориш, да се молиш, да сонуваш, без да ја трчаш трката која нема крај, и во која сите изгубивме повеќе од што сме добиле… Сега е време за сам со себе, сам пред себе, сам за себе, сам а за сите…

https://m.youtube.com/watch?v=SHD6bTbekxU

Прочка

Секој човек може и треба да смогне сила,за да прости на некој што му згрешил…
Исто како што може да побара прошка и да ја голтне гордоста и суетата кога згрешил…
Но, можеме ли да си простиме на себе си, да си се извиниме за грешките, штетите, внатрешните вресоци кои ги загушуваме, солзите кои не дозволуваме да ни се слеат за да ни олесни, зборовите кои ги премолчуваме, компромисите кои ги правиме во својот живот? Можеме ли?
Прочка е…
Преслушајте се, ако е денес тој ден во годината… Кој јас би го мултиплицирала, за да се живее во добро со сам себе пред се,но и за да бидеш и кон другите поквалитетен човек!
Прочка е!
За многу простувања нека е!

Маја Андоновска Илијевски

Не се умира од скршено срце

Не се умира од скршено срце,

ама едвај се преживува таа болка

која сите велат поцврст те прави човек,

а јас ќе речам лажат… Сите кои така велат лажат.

Тоа е гушење и краток здив,

Тоа е плач без солзи и вресок без глас,

Тоа е уста без јазик,

Тоа е како да стоиш на пороен дожд со грмотевици и силен ветар, на ливада без засолниште…

Така е страшно, така те крши,така ти корне се во душата, така те боли…

Нема лек за скршено срце,

нема заборав.

Едноставно креваш глава по инстинкт и чекориш понатаму.

Но тоа те следи, и кога ќе се насмееш после долго време,

Ќе ти излезе пред очи и ќе ти се клешти гледајки те во очи.

И скршеното ќе ти го докрши,

Ќе ти го парчоса, ќе ти го докусури, па ќе ти даде рака и ќе ти каже

до следен пат…

И се така ќе те потсетува,

Дека не се умира од скршено срце,

Ама дека едвај се преживува таа болка…

Маја Андоновска Илијевски

Стареам

Стареам…

Оти како во друг живот

Да ми живеат некои мигови,

Блиски а далечни,

Мои а туѓи,

Стари а топли,

Како од пред сто векови.

Стареам…

Пловам сега по мирни океани,

лудите ветришта и бури

ги искршија крилјата со кои летав,

А јас од пердувите си направив перница за да сонувам спокојно.

Стареам…

И често зборувам за својата убава лудост младост,

за својата безгрижност, храброст, решителност

а не сум старица .

Живеам ама друг живот,

мој, а понекогаш како туѓ да е.

Стареам, а не сакам !

Маја Андоновска Илијевски

Глумицата