На Игор наместо збогум

Кога умира човек
кој поминувајќи низ твојот живот
ненамерно, непретенциозно силно
ти ја допрел душата,
ти створил креативен немир.,
те натерал да мислиш,
да се убиеш од размислување,
да не спиеш,
да се запрашаш,
да се преиспитуваш,
да разговараш,да премолчиш,
да се усрамиш,
да се насмееш,
да се гордееш…
Да сакаш и да се надеваш дека во животот некогаш и негде ќе се сретнете пак на некоја сцена, со некој нов предизвик пред кои ќе стоиме исплашени како првачиња…Да се чувствуваш благословен дека си украл време од неговото време, и дека си поделил парче сон…
Ех… Кога умира таков човек, многу усти онемуваат и
многу души остануваат пусти, како после ураган, војна, кражба, пожар, цунами, земјотрес, катастрофа…
Години и животи некогаш не се доволни,
во пустината да никне нова ласта…

Надеж

Празно е и тивко… А тишината како силуета без лик застанала пред тебе, и зјапа директно во твоите очи. Ти ја мрзне крвта, ти го запира здивот, ти го замаглува погледот и се заканува со утрешното изгрејсонце кое не носи нова надеж.
Затвори ги очите пред ужасот кој те демне, молчи и слушај. Слушни го твоето срце што ти зборува, заслушај се дури и во зборовите кои ти ги премолчело, секој тропот што ти го прескокнало, секој здив што ти го потрошило… Дај му време, да те одведе на местата каде што си грешел, да те пофали каде што си бил храбар, да те успори таму каде си поминал без поздрав, да те излечи таму каде што те боли, да те однеси и таму каде одамна не свратуваш… и остави го да го фати ритамот на најубавата музика – животот. Не плаши се… Ова е можноста да му дадеш време на времето,, да му украдеш сон на сонот, да го оставиш пулсот да чука силно како тапан на Галичка свадба додека го свират Тешкото… и да те наежи, и да те расплаче, и да те разигра. Дај си време, да направиш се за што претходно си немал време: да седнеш, да станеш, да јадеш, да љубиш, да дишеш, да твориш, да се молиш, да сонуваш, без да ја трчаш трката која нема крај, и во која сите изгубивме повеќе од што сме добиле… Сега е време за сам со себе, сам пред себе, сам за себе, сам а за сите…

https://m.youtube.com/watch?v=SHD6bTbekxU

Прочка

Секој човек може и треба да смогне сила,за да прости на некој што му згрешил…
Исто како што може да побара прошка и да ја голтне гордоста и суетата кога згрешил…
Но, можеме ли да си простиме на себе си, да си се извиниме за грешките, штетите, внатрешните вресоци кои ги загушуваме, солзите кои не дозволуваме да ни се слеат за да ни олесни, зборовите кои ги премолчуваме, компромисите кои ги правиме во својот живот? Можеме ли?
Прочка е…
Преслушајте се, ако е денес тој ден во годината… Кој јас би го мултиплицирала, за да се живее во добро со сам себе пред се,но и за да бидеш и кон другите поквалитетен човек!
Прочка е!
За многу простувања нека е!

Маја Андоновска Илијевски

Не се умира од скршено срце

Не се умира од скршено срце,

ама едвај се преживува таа болка

која сите велат поцврст те прави човек,

а јас ќе речам лажат… Сите кои така велат лажат.

Тоа е гушење и краток здив,

Тоа е плач без солзи и вресок без глас,

Тоа е уста без јазик,

Тоа е како да стоиш на пороен дожд со грмотевици и силен ветар, на ливада без засолниште…

Така е страшно, така те крши,така ти корне се во душата, така те боли…

Нема лек за скршено срце,

нема заборав.

Едноставно креваш глава по инстинкт и чекориш понатаму.

Но тоа те следи, и кога ќе се насмееш после долго време,

Ќе ти излезе пред очи и ќе ти се клешти гледајки те во очи.

И скршеното ќе ти го докрши,

Ќе ти го парчоса, ќе ти го докусури, па ќе ти даде рака и ќе ти каже

до следен пат…

И се така ќе те потсетува,

Дека не се умира од скршено срце,

Ама дека едвај се преживува таа болка…

Маја Андоновска Илијевски

Стареам

Стареам…

Оти како во друг живот

Да ми живеат некои мигови,

Блиски а далечни,

Мои а туѓи,

Стари а топли,

Како од пред сто векови.

Стареам…

Пловам сега по мирни океани,

лудите ветришта и бури

ги искршија крилјата со кои летав,

А јас од пердувите си направив перница за да сонувам спокојно.

Стареам…

И често зборувам за својата убава лудост младост,

за својата безгрижност, храброст, решителност

а не сум старица .

Живеам ама друг живот,

мој, а понекогаш како туѓ да е.

Стареам, а не сакам !

Маја Андоновска Илијевски

Глумицата

Разминување

Белешка

Таму каде што јас пристигнувам – ти заминуваш,

таму каде што ти се враќаш, мене не ме наоѓаш,

таму каде се среќаваме- сме завтиле грб и не се гледаме.

Какво е ова разминување?

Ќе застанам да те чекам,

а ти забрзај чекор,

Па еднаш да се сретнеме каде што се вркрстуваат моите

и твоите соништа,

Твоето и моето јаве.

И да се погледнеме во очи,

да ми дозволиш да молчам,

и да ме гледаш како плачам за се,

и додека ги бришеш

моите солзи да ми шепнеш едно

Извини !

Извини што во овој живот

кратко се сретнавме за долго да си траеме

и уште подолго да се разминуваме !

Маја Андоновска Илијевски

Глумицата

Празнина

Има еден звук во моите гради,

тап, шуплив , празен,

како град опустошен после ураган

потсетува…

Нема причина да е тука,

А тука e…

Повремено ќе пропее некое пиле,

и ќе ме оглуви звукот кој ја нарушува тапата тишина

која дом си створила во душава.

А тишината е празнина,

празнината има име,

и чудно,

времето поминува и заминува,

а звукот остана ист.

Еден звук во моите гради…

кој е се освен живот!

Маја Андоновска Илијевски

Ти

Ти си песната во мојата песна,

што ме буди кога сите спијат,

што е гласна кога сите молчат,

што е тивка кога треба светот да го буди…

Ти си извор , ладен , студен,

Свежина и живот да дариш во спарно летно ,

ти си сонце зимско што само ќе покаже лик, кога зимата ти замрзнала видик…

Ти си се, и се е ништо…

Ти си сон, а мое јаве….

Ти си далечина која блиску ја сакам…

Ти беше, си и ќе бидеш…

Ти!

Маја Андоновска Илијевски

Што сме си, ако не љубов?

Ги знам напамет

сите линии на твоето лице

Оние кога се смееш, и

Оние кога се лутиш.

Тие -пат ми се,

Што секогаш кај тебе ме враќаат кога незнам каде е север а каде југ во твоето срце.

Ги знаам сите насмевки,

Оние кога се смееш од срце,

А јас мислам дека во таа насмевка

Можам да си изградам светилник…

Но и оние насмевки ги знаам добро,

Кои крвта ми ја мрзнат

И незнам дали ќе преживеам ако се

Потпишани за нечии други очи…

Ги паметам сите ноќи ,

Во кои на сонот му затваравме врата

Па ноќите денови ни беа и деновите љубов…

Но срцево памети и на секој миг, час, ден, година и живот што без тебе го минува чукајки силно, гласно , спремно уште сто животи за тебе да чука…

Ги чувствував сите погледи , со кои велеше моја си,

И сите погледи што ги заврти на другага страна кога веќе твоја не бев..

И сите зборови кои ме болеа зошто ушиве слушаа ми значиш,

А усниве велеа те љубам….

И што никогаш,

Никогаш

Не се пронајдовме на исто место во исто време…

Само таа брканица…едниот доаѓа,

другиот заминува

… помислувајќи што ќе беше ако не беше така…..

Што сме си ако не сме љубов?

А луѓе ко луѓе…

Некои луѓе,никогаш не заминуваат, колку и да ги нема.

Некои луѓе, никогаш не поминуваат, колку и на душата болката да и ја земаш.

Некои луѓе, никогаш ги немаш, колку и да се блиску.

Некои луѓе, секогаш се љубов, иако никогаш нема да им кажеш.

Некои луѓе , се вечен немир, иако спиеш мирно.

На некои луѓе нема да им простиш, иако со насмевка на нив ќе се сетиш.

Некои луѓе вечно ќе ги чекаш, а веќе никогаш абер нема да ти пратат.

Некои луѓе ќе ги бркаш од умот, и мислиш си победил, во сонот ќе ти се шмугнат и се ќе урнат ко најстрашен ураган.

За некои луѓе ќе наоѓаш секогаш време, за невреме најголемо да ти носат.

За некои луѓе ќе пишуваш песни, ќе создаваш дела, што  ни да ги видат, ни да ги чујат , ни да ги прочитаат нема.

Со некои луѓе ќе си кажеш збогум, и уште сто животи ќе си спремен да им се вратиш.

Со некои луѓе свет ќе делиш, живот ќе куќиш, а сам ќе бидеш, осамен до века.

Со некои луѓе од збор на збор, збор до гроб нема да си кажеш, а устата порта широко отворена ќе ги чека со секој здив дури си жива.

Со некои луѓе нема да знаеш како треба, што е право, што е криво, се ќе грешат, се ќе им грешиш.

За некои луѓе ќе копнееш душа да ти згреат,  а тие со погледи од мраз ќе те честат.

За некои луѓе ќе го превртиш светот…

Некои луѓе за тебе живот би дале…

Само да се погоди за правите луѓе во правото време да си човек…

Оти луѓе ко луѓе…

Денес не има…а утре…. па никој не е тука за на век ! 
 Глумицата